еп.мкГраматички со Бматематички со П

За проектот

Едно прашање што одамна ме мачеше: колку реално чини да се живее во Македонија — и колку од тоа покрива платата? Бројките ги има, но се расфрлани по институции, документи и формати. Џеп ги собира на едно место, секоја со извор и датум.

Зошто постои

Синдикалната кошница е во еден .docx, платите во табели на статистиката, горивото во одлуки на регулаторот. За да ја видиш целата слика, треба да отвориш десетина извори и рачно да ги вкрстиш. Џеп ја прави таа работа еднаш — за да можеш ти за минута да видиш каде си.

Принципот

Само јавно објавени бројки, со линк до изворот и датум — официјална статистика и синдикалната кошница, која секаде е означена како проценка на ССМ. Ништо не се проценува ниту политички толкува. Таму каде самиот извор има несоод, се прикажува верно на изворот и тоа се означува. Целиот метод и сите извори се на страницата за методологија.

Колку често се ажурираат податоците

Секој извор се освежува кога издавачот ќе објави нови бројки. Најголемиот дел — синдикалната кошница, платите и инфлацијата — се ажурираат месечно, а цените на горивата неделно, со секоја одлука на РКЕ. Некои показатели излегуваат поретко: минималната плата, прагот на сиромаштија и Анкетата за потрошувачка еднаш годишно.

Секоја бројка носи датум на кој се однесува, за да знаеш колку е свежа. Освежувањето е автоматско — освен минималната плата, која се препишува од објавата во Службен весник: скрипти ги повлекуваат новите бројки од изворите, а пред објавување целиот сајт се гради од нив и секоја бројка се пресметува одново со посебна програма. Новите бројки се споредуваат и директно со изворот, а веќе објавените не смеат тивко да се сменат или да исчезнат. Ако нешто не се совпаѓа, или се појави ново, необјаснето отстапување, објавувањето застанува и бројките се проверуваат рачно. Еднаш неделно секоја вредност, и старата, повторно се споредува со изворот.

Месечниот преглед „Што се смени“ може да се следи и преку RSS.

Кој стои зад него

Личен проект на Димитар — програмер, од чисто љубопитство. Направен во слободно време, со помош на вештачка интелигенција како мултипликатор на продуктивноста: идеја за која порано би требале месеци почна како викенд-проект и прерасна во неколку викенди. Тешкиот дел не беше кодот — беа податоците: собирање од PDF-ови, .docx и разни институции, средување, вкрстување и проверка.

Не сум економист ниту статистичар. Бројките се преземени од изворите без измени, но изборот на споредби и пресметките врз нив — удели, односи, реални вредности, вкрстување на податоци од различни институции — се мои. Методот е целосно опишан на страницата за методологија, но стручњак од областа можеби би направил поинаков избор. Ако гледаш таков пропуст, пиши ми.

Нема реклами, нема најава, ништо не се продава и не се собираат лични податоци. Најди ме на LinkedIn.

Технологии

Изградено со Next.js (React, TypeScript) и Tailwind; графиконите со Recharts. Податоците се обични JSON фајлови, валидирани со Zod при секој build — нема backend ниту база. Сајтот е статички и се хостира на Cloudflare Pages. Бројките ги собираат мали CLI скрипти (TypeScript) што ги читаат отворените извори; OG-сликите за споделување се генерираат при build.

Кажи што фали

Проектот е жив и се дополнува. Ако забележиш грешка, застарен податок или ти недостасува нешто — пиши ми. Секој фидбек помага бројките да останат точни и корисни.