Методологија и извори
Накратко: секоја бројка на Џеп е јавно објавена од некоја институција и е пренесена без измени, со линк до изворот и датум.
Повеќето се официјална статистика (ДЗС, Eurostat, РКЕ, министерствата). Синдикалната кошница е проценка на Сојузот на синдикатите и секаде е означена така.
Сајтот не собира свои податоци. Тоа што го пресметува — удели, односи, реални вредности — е опишано подолу, формула по формула. Каде изворот ја сменил методологијата, не се споредува преку промената.
Извори
Секој број се совпаѓа со својот извор. Таму каде самиот извор има несоод (пр. документ на ССМ чии категории не се собираат во објавеното вкупно), се прикажува верно на изворот и се означува. Податоците се освежуваат автоматски, освен минималната плата, која се препишува од објавата во Службен весник. Пред секое објавување целиот сајт се гради од новите податоци и секоја прикажана бројка се пресметува одново со посебна програма, одделна од онаа на сајтот; ако нешто не се совпаѓа, или кај изворот се појави ново, необјаснето отстапување, објавувањето застанува. Новите бројки пред објавување истата програма ги споредува и директно со изворот; веќе објавена бројка што би исчезнала го запира објавувањето, а ревизија од изворот се бележи. Еднаш неделно сите вредности, и старите, повторно се споредуваат со изворот.
- Кошница: ССМ — месечни документи (.docx). Последно ажурирано: 2026-10-09.
- Просечна плата (нето и бруто): Државен завод за статистика (МакСтат), табели 175 и 125.
- Плати по дејности: ДЗС МакСтат, табела 175 (по сектори НКД Рев.2).
- Реални плати: ДЗС МакСтат, табела 190 — готови реални индекси (дефлатирани со трошоците на живот).
- Инфлација: ДЗС МакСтат — индекс на трошоците на живот, месечни индекси спрема истиот месец претходната година (табела 121) и кумулативен индекс со база 2005 = 100 (табела 126).
- Цени по производ: ДЗС МакСтат, табела 131 — индекси на трошоци на живот на детално (ECOICOP) ниво.
- Праг на сиромаштија: ДЗС МакСтат — Лаекенски индикатори, табела 125 (годишен еквивалентен приход).
- Потрошувачка на домаќинствата: ДЗС МакСтат — Анкета за потрошувачка на домаќинствата (АПД), табела 150, од 2002 наваму. Износите се годишни по домаќинство; кај нас се делат со 12. Уделите се готовите проценти на ДЗС, спрема вкупните употребени средства.
- Сопственост на домот (алатка „Потрошувачка кошничка“): Eurostat, датасет ilc_lvho02 — удел на населението по статус на домот (сопственост, закуп).
- Минимална плата: Министерство за економија и труд — по периоди. Последно ажурирано: 2026-10-06.
- Цени на горивата: Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) — одлуки за највисоки малопродажни цени.
Што е синдикалната кошница
Синдикалната минимална кошница ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) секој месец. Таа ги мери трошоците за пристоен живот на четиричлено семејство — двајца родители и две деца ученици, во сопствен стан. ССМ објавува и втор износ, со кирија за стан од 60м².
Вкупниот износ се зема од збирниот ред во табелата на ССМ, заокружен на денар — тој се собира со категориите. Во неколку документи насловот наведува износ што се разликува за еден денар, а во еден за шест: заокружување или печатна грешка кај ССМ.
Колку од членовите работат ССМ не наведува. Затоа сајтот ја споредува кошницата и со една и со две плати, без да тврди која е „вистинската“ — тоа зависи од домаќинството.
Како се пресметува
- Покриеност: плата ÷ кошница, за една и за две плати. Промената во месечниот преглед е разлика на двата прикажани (заокружени) проценти, за да може да се повтори.
- Годишна промена на цените (инфлација, по категорија, по производ): ДЗС објавува индекс (истиот месец лани = 100); промената е индексот − 100, заокружена на една децимала, половина од нулата. Индексите се со до две децимали, а се заокружува објавениот број, не приближната вредност од компјутерската пресметка (102,85 − 100 = 2,85 → 2,9).
- Бруто → нето: придонеси 28% (пензиско 18,8 + здравство 7,5 + невработеност 1,2 + дополнително здравство 0,5) и данок на доход 10% на основицата над личното ослободување. Проверено до денар на официјалната минимална плата. Најниската основица за придонеси (50% од просечната плата објавена во јануари) и највисоката (16 просечни плати) не се применуваат — чл. 15 и 16 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Пресметката важи за плати меѓу двете, што ги опфаќа сите полни плати: минималната е над најниската основица.
- Часовница: нето плата ÷ 174 — приближен месечен фонд работни часови при полно работно време од 40 часа неделно (40 × 52 ÷ 12 ≈ 173,3). Ова е претпоставка за пресметката, не објавена бројка.
- Реална плата: не се пресметува — се земаат готовите реални индекси на ДЗС (табела 190).
- Куповна моќ на денарот (Денар, Штедометар): со кумулативниот индекс на трошоците на живот (2005 = 100). Денар — колку денари денес за истата куповна моќ како тогаш: сума × индекс(сега) ÷ индекс(тогаш). Штедометар — колку денес вредат пари чувани од тогаш: сума × индекс(тогаш) ÷ индекс(сега).
- Кошница наспроти инфлација: годишен раст на кошницата (истиот месец лани) наспроти официјалната годишна инфлација. Растот на кошницата е изоставен една година по секоја методолошка промена (лањскиот месец е по старата пресметка) и таму каде за истиот месец лани нема кошница.
- Праг на сиромаштија: годишниот праг (Лаекен) ÷ 12. Анкетата за приходи и услови за живеење за година Г ги мери приходите од Г−1, па прагот се споредува со платите од таа година.
- Потрошувачка кошничка (алатка): внесените трошоци ÷ приход, и распределбата споредена со просечното домаќинство по удели.
Како се спојуваат категориите
Четирите внесени трошока се спојуваат во трите COICOP групи од Анкетата: храна → „Храна и безалкохолни пијалаци“, кирија и сметки → „Станарина, вода, електрична енергија, плин“ (ДЗС ги води заедно), гориво и превоз → „Сообраќај“. Распределбата се споредува по удели во трите групи (и кај корисникот и кај просекот од денарите на ДЗС збирот е 100%), не по износи. Референцата во проценти од приход доаѓа од кошницата на ССМ, која е износ во денари.
Каде изворите се менуваат
Долгите серии не се секаде споредливи — изворите ја менуваат методологијата, а понекогаш месец недостасува. Таму Џеп не споредува преку промената.
Синдикалната кошница
- Август 2022: ССМ додаде посебна ставка за инфлација, што ја зголеми вкупната вредност.
- Декември 2023: нова поделба во 11 групи наместо 7, со поинаков опфат. Групите се блиски до COICOP, но ССМ ги дели по свое (на пр. има посебна група за хигиена).
Двата скока на графиконот не се поскапување туку промена во пресметката. Годишниот раст и месечните промени преку нив се изоставени.
Месеци што ги нема (се водат како дупки, не како податок):
- февруари 2019 — ССМ нема објавено кошница;
- април 2026 — под статијата е прикачен документот за април 2025.
На графиконите тие месеци се празно место во линијата на кошницата; платите и инфлацијата за истите месеци се прикажани. Секоја дупка неделно се проверува спрема сите документи во архивата на ССМ.
Ограничувања
Џеп го прави програмер, не економист ни статистичар. Изборот кои бројки да се стават една до друга и пресметките врз нив се мои; стручњак или институција можеби би избрале поинаку. Кога различни извори се ставаат заедно, тие ретко мерат точно исто: кошницата е проценет трошок, а платите и прагот на сиромаштија се мерења на приход; изворите излегуваат во различни месеци и години — секогаш е наведено од кога е бројот. Затоа споредбите се ориентација, не службена мерка. Ако забележиш пропуст, пиши.
Исправки
Ако бројка на Џеп се покаже погрешна, се исправа и исправката се запишува тука — со датум, што било погрешно и што е сега.
Досега нема исправки.