Поимник
Термините што се користат на Џеп, објаснети кратко и точно — за да се читаат бројките без забуна. Бројка на сајтот што упатува овде води директно до својата дефиниција.
Плати и приходи
- Бруто плата
- Платата пред одбивање — во неа се содржани придонесите и данокот на доход. Тоа е трошокот на работодавачот, не она што стигнува на сметка.види →
- Нето плата
- Она што работникот реално го добива на рака, по одбивање на придонесите и данокот од бруто платата.види →
- Минимална плата
- Законски најнизок износ на плата за полно работно време. Се утврдува во бруто износ и се објавува во Службен весник (последниве години секој март); сајтот го прикажува нетото што произлегува од него.види →
- Просечна плата
- Аритметичка средина на сите плати. Неколку многу високи плати можат да ја повлечат нагоре, па просекот не мора да е платата што ја зема типичниот работник.види →
- Медијана
- Платата на средината: половина од луѓето земаат помалку, половина повеќе. Поверен приказ на типичната плата од просекот, бидејќи крајностите не ја поместуваат.види →
- Придонеси
- Задолжителни давачки од бруто платата — пензиско (ПИО), здравствено, за невработеност и дополнително здравствено. Вкупно 28% од бруто.
- Лично ослободување
- Месечен износ од платата што е ослободен од данок на доход. Законскиот термин од 2019 е „даночно намалување“; износот секоја година го објавува министерот за финансии (во Службен весник, а го прикажува УЈП).види →
- Часовница
- Колку вреди еден работен час — нето платата поделена со месечниот фонд часови (174). Основа за пресметка колку часа живот чини нешто.види →
Цени и инфлација
- Инфлација
- Општ пораст на цените низ времето. Годишната инфлација кажува за колку проценти пораснале цените споредено со истиот месец лани.
- Индекс на потрошувачки цени (CPI)
- Мери како се менуваат цените на репрезентативна кошница добра и услуги што ги троши просечно домаќинство. Официјалната инфлација се пресметува од него.
- Номинално наспроти реално
- Номинално е износот во тековни денари; реално е тој износ прилагоден за инфлација, т.е. изразен во денешна куповна моќ. Реалното покажува дали навистина имаш повеќе, или само бројката е поголема.
- Кумулативен индекс на цени
- Цените споредени со базна година (кај нас 2005 = 100). Служи за пресметки колку вредат парите од тогаш во денешни денари.види →
- Синдикална кошница
- Проценка на месечните трошоци за пристоен живот на четиричлено семејство — двајца родители и две деца ученици (храна, режии, превоз, облека и слично). Ја пресметува и објавува ССМ месечно; поединечни месеци понекогаш недостасуваат кај изворот.види →
- Покриеност
- Колку од кошницата покрива платата: плата поделена со кошницата, во проценти. Сајтот ја прикажува за една и за две плати.види →
- Реална плата
- Плата прилагодена за инфлација. Покажува дали куповната моќ навистина расте — платата може да расте номинално, а реално да стои или паѓа.види →
Мерки и статистика
- Годишна промена (год./год.)
- Споредба со истиот период лани. Се користи за инфлација и плати за да се исфрли сезонската разлика меѓу месеците. Кај цените ДЗС објавува индекс (истиот месец лани = 100), а промената е индексот − 100.
- Џини индекс
- Мерка на нееднаквост во приходите. ДЗС и Eurostat го даваат на скала 0–100: 0 значи сите примаат исто, 100 значи сиот приход е кај едно лице. Колку е повисок бројот, толку е поголем јазот. Се среќава и како коефициент 0–1 — истата мерка, поделена со 100.
- Праг на сиромаштија (Лаекен)
- Праг поставен на 60% од медијалниот еквивалентен приход. Кој живее под него се смета за изложен на ризик од сиромаштија. Дел од Лаекенските индикатори на ЕУ.види →
- Квартал
- Тримесечие. Ознаката К/К значи споредба со претходното тримесечие; год./год. значи со истото тримесечие лани.
- Процентни поени (п.п.)
- Разлика меѓу два процента. Ако уделот се качи од 40% на 48%, тоа е раст од 8 процентни поени — не од 8%. Растот во проценти би бил 20%.
- COICOP
- Меѓународна класификација на потрошувачката по намена. Ги дели трошоците на групи (храна, домување, транспорт…), за статистиките од различни земји и истражувања да се споредливи. ДЗС ја користи и во инфлацијата и во Анкетата за потрошувачка: во Анкетата постарата верзија со 12 групи, во инфлацијата новата со 13. Анкетата има и посебен ред (20) за трошоци што не се лична потрошувачка — тој не е COICOP група.види →
- Лична потрошувачка
- Сè што домаќинството купува за себе — храна, домување, облека, превоз и останатите COICOP групи. Не ги вклучува даноците, трансферите и отплатите: тие излегуваат од домаќинството, но не се потрошувачка. ДЗС објавува и поширок збир, „вкупни употребени средства“, кој ги собира двете — процентите на ДЗС (и на Џеп) се спрема него.види →
- Анкета за потрошувачка на домаќинствата (АПД)
- Годишно истражување на ДЗС кај дел од домаќинствата — не кај сите — за тоа што реално трошат. Затоа поединечните години се тресат и се гледаат трендови, не еднократни промени. Мери потрошувачка, не приход.види →
Извори
- ССМ
- Сојуз на синдикатите на Македонија — ја пресметува и објавува синдикалната кошница.веб-страница ↗
- ДЗС / МакСтат
- Државен завод за статистика — официјален извор за плати, инфлација, потрошувачка и сиромаштија.веб-страница ↗
- РКЕ
- Регулаторна комисија за енергетика — ги утврдува највисоките малопродажни цени на горивата и тарифите за струја.види →веб-страница ↗
- Eurostat
- Статистичката служба на ЕУ — хармонизирани податоци за европските земји. На Џеп: сопственоста на домот во алатката за кошница.веб-страница ↗